Пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов го образложи предлог законот за здравствена заштита кој ги опфаќа мајките земјоделки.
,,Овој закон ние го поднесовме на 6-ти април и речиси година дена стои заглавен. За жал во нашата држава само со притисок и пред избори работи се случуваат. Тргнувајќи од фактот дека правото на паричен надоместок за време на привремена спреченост за работа согласно законот е задолжително здравствено осигурување. Паричниот надоместок за привременото отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство по својот социјален карактер е обврска на државата.
Покрај ова, жените регистрирани како индивидуални земјоделки се исклучени од Законот за здравствено осигурување и не го добиваат ова фундаментално право. Земјоделките, де факто, се статусно дискриминирани во однос на другите работнички – оваа нееднаква социјална политика има сериозни последици врз нивното репродуктивно, психичко и физичко здравје.
Заштита на мајките е фундаментално право кое не треба да се “заслужува”. Извештајот на ЕК го нотира овој проблем во целост, да немаме дилеми.”