По долго исчекувањето конечно на сметката на Министерството за животна средина се префрлени првите 10 милиона евра, за проектот пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Проект кој целокупно ќе го чини градот и државата околу 200 милиона евра, од кои 136 милиона се обезбеди со кредит од Европската инвестициона банка а 70 милиона евра се неповратен грант од Европската унија.
Во наредниот период овие пари треба да бидат префрлени на јавно комунално претпријатие „Водовод“ а од таму пак да се уплатат на домашно-странскиот конзорциум односно Германската компанија „ВТЕ Васертехник“ и домашната компанија Жикол кои ќе ја градат оваа прочистителна станица. Германската ВТЕ инаку е позната по голем број на вакви проекти за прочистителни станици ширум Европа, а во регионот последно ја изградија станицата во Будва во 2014 година.
Постапката за проектот беше започната во 2019 година и најавено беше дека ќе заврши до 2025 година, но со оглед на закаснувањето изгледа ќе почекаме некоја година повеќе од првичните планови.
Станицата ќе се простира на површина од 130.000 метри квадратни, и ќе биде лоцирана во Општина Гази Баба во областа Трубарево. Водата откако ќе биде „третирана“ во оваа прочистителна станица ќе биде со висок квалитет, согласно Европските стандарди и ќе може повторно да се употребува.